11.12.13

Пекол vs Рај - два у кец


               Никогаш во мојот живот не успеав да разберам што е таа фама околу рајот и пеколот. Едно е сигурно, не сум бил ни во едниот, ни во другиот локал, но од она што се зборува низ чаршијата во пеколот е гужва и е многу тешко да се дојде до пијалак, а келнерите се крајно вообразени и колку и да се обидуваш да добиеш чаша вода со мраз, тие ти носат без мраз со оправдување дека се стопил додека ти ја донеле на маса. Речиси и да нема слободна маса за да седнеш, а ако налеташ на таква веднаш доаѓаат и ти велат дека таа е резервирана за некој господин со кравата, кој во земскиот живот бил во градежниот бизнис, или во нафтениот, или во некој друг бизнис во кој се носат кравати. Просторот е премал за сите што го посетуваат, па затоа од секоја фамилија може да влезат максимум двајца. На вратата секогаш има редици кои се неверојатно долги и понекогаш се случува луѓе кои немаат пријатели што се редовни посетители да чекаат со денови за да влезат. Ова не е место за оние што сакаат класична музика или опери, бидејќи музиката речиси секогаш, освен во среда, вклучува електрични гитари и е прегласна за оние луѓе со префинет вкус за музика. Проблем се јавува кога ти не сакаш да идеш баш во пеколот и ти се иде на некое потивко место но си приморан да влезеш таму, зошто речиси сите луѓе што ги познаваш се внатре и веќе го нарачале твојот омилен пијалак. Се собирате сите како и во земскиот живот, правите мал круг и постојано зборувате дека сте на место каде што поминуваат сите и постојано ве туркаат. Муабетите се речиси исти како и во земскиот живот и воглавно се зборува за политика, бидејќи повеќето муштерии претходно се занимавале со политика, или на некој начин биле вклучени во политичкиот живот. Има и многу кои работеле во услужниот сектор (угостители, циркузнати, глумци, режисери, пеачи...), но и тие најчесто зборуваат за политика, бидејќи преку неа успеале во земскиот живот. Во овој локал врие и од филозофи и можеби е најинтересно да се дружиш со нив. Џордано Бруно отсекогаш бил најгласен и можеби најинтересен да се слуша. Постојат легенди кои говорат дека човекот без прекин зборувал 72 часа во овој локал и дека се завршило кога Франц Кафка дошол и му кажал дека тоа што го зборува е апсурдно. Кога сме кај Кафка, занимливо е како тој се нашол пред вратите на пеколот: во документот кој претходно му го дале пишувало дека во небесниот живот тој требало да иде во рајот, но истиот го заборавил во таксито со кое доаѓал. Се јавил во сите небески такси компании, но никаде не му дале позитивен одговор во врска со конкретниот документ. После сето тоа, тој морал повторно да чека огромна редица за да добие нов документ и кога конечно дошол на ред, човекот кој работел на шалтерот му кажал дека се наоѓа на погрешен шалтер и дека треба да чека на шалтерот со број 7. Кафка застанал на шалтерот со број 7 и чекал точно 118 часа и 8 минути и конечно дошол на ред, убаво му објаснил на службеникот што се случило со неговиот документ и на сето тоа добил одговор дека Кафка требало да знае да направи копија од истиот и да ја заведе на нотар, бидејќи таков документ може да биде издаден само еднаш. После сите овие бирократски лавиринти, Кафка решил да отиде во пеколот, а податок кој го поттикнал да оди натаму е фактот што за влез во пеколот не бараат никакви документи, а таму се наоѓаат голем број на филозофи и писатели со кои би разменувал мислења и не би се чувствувал досадно. Повеќе од луѓето кои моментално живеат на земјата веќе си имаат резервации во овој локал и воопшто не размислуваат да се јават и да ги откажат. Воглавно тоа се луѓе од типот на Доналд Трамп, на кои животот им зависи од одреден протокол и речиси во сите земски угостителски локали влегуваат од задниот влез, без да платат карта, а секогаш го имаат најдоброто место во локалот. Според тоа, овие луѓе ќе влезат и во пеколот од задниот влез и око нема да им трепне за оние кутрите, кои чекаат во редица со денови за да влезат. Но што може тука господинот Трамп, па така му е по протокол. Од друга страна, има луѓе кои однапред резервираат маса во рајот, а како такви можеме да ги наброиме Пауло Куељо, Робин Шарма, како и многу од активистите на Грин Пис. За разлика од Доналд, тие не влегуваат во рајот од задната врата, бидејќи не е познато дека во рајот постои задна врата. Се претпоставува дека некогаш имало, но веројатно после одреден инцидент во кој бил вклучен Калигула и инсистирал да влезе во рајот, таа врата е заменета со бетонски ѕид. Сето ова се случило околу 41 година од нашата ера. Наместо да го прескокаат редот, луѓето од овој тип чекаат на ред, па дури и ги пуштаат постарите и изнемоштените да застанат пред нив. Не се сеќавам дали споменав дека во пеколот свират најчесто рок бендови, освен во среда кога на репертоарот е спиритуална музика, но и тогаш е добро, зошто нема многу гужва и човек може да си се опушти и да дебатира со пријателите на егзистенцијалистички теми. Но сето тоа може да стане досадно ако дојдат Ками и Сартр кои никако не можат да ги затнат устите зборувајќи на оваа тема, па во такви вечери се случува двајцата да останат до 6 часот наутро и да го затворат локалот. Денската шема исто така е занимлива, па во одредени денови се случува да има проекции на земски филмови, а после тоа до 20:00 се дебатира околу филмот. За менито, на јавноста, сеуште не и се откриени доволно податоци, но се верува дека воглавно на менито се јадења кои вклучуваат месо, а постои податок дека сосовите се феноменални. Како главен готвач се спомнува господинот Мартино де Роси, или во јавноста попознат како Маестро Мартино. Секако дека Моцарт имал забелешки околу терминот Маестро, но и самиот се помирил со тоа откако го пробал бифтекот во сос од печурки. Маестро Мартино во земскиот живот живеел во италјанското гратче Комо, околу петнаесеттиот век и на земјата се верува дека тој е првиот кулинарски експерт. Откако бил личен готвач на Лудовико Тревисан, а потоа и на Џан Џакомо Тривулзо, тој завршил во Ватикан. Во пеколот се нашол откако го пресолил јагнешкиот котлет на папата Пиус III и во истиот момент  црквата го осудила на смрт, заради обид да му предизвика зголемен крвен притисок на папата, што понатаму би резултирало со негова смрт. Најчесто за сите ликови во пеколот постојат пеколно добри приказни за тоа како дошле до таму, но ние секако немаме доволно простор и време за сите, бидејќи треба нешто да откриеме и за рајот.
            Од она што се зборува низ чаршијата, рајот е огромен локал со многу маси и сепареа и се верува дека повеќето од нив се слободни. Ако треба да зборуваме во бројки отприлика на 10 маси, има минимум 7 слободни. За разлика од пеколот, овде има доволно простор и кислород за сите. Келнерите се неверојатно љубезни, па дури и кога нема да им кажете да стават мраз во чашата со вода, тие сами ви ставаат и пепељарите ги менуваат на секој втор, или во најлош случај, на секој трет отпушок. Ваквиот начин на угостителство најмногу му смета на Френк Запа, чијашто страст кон цигарите се мери не во потрошени кутии на ден, туку во потрошени запалки. Како што е познато, тој смета дека келнерите досадуваат кога на секои 3 минути му ја менуваат пепељарата, па од тие причини самиот Запа поднел апликација да биде трансфериран во пеколот. Ретко кога има редица на вратите, освен во случаи на геноцид во земскиот живот, но и тогаш се се движи убрзано, поради љубезноста на службениците. Нема да ви се верува колку се љубезни луѓето што ќе ве пречекаат на врата, па дури може да си помислите дека во секој момент некој од нив ќе побара услуга од вас, и тоа ве прави да се чувствувате непријатно. На шанкот работи Мајка Тереза и уште неколку деца од кои повеќето се од Индија. Лошо е што кога и да побарате алкохол, Мајка Тереза ви го дрви дека тоа е лошо за здравјето, па многумина уште во првите денови се откажуваат од алкохол, а многу од нив поднесуваат апликации за во пеколот бидејќи таму се забранети секаков вид на органски напитоци, цедени сокови, газирани сокови... и во тој локал исклучиво се служи алкохол, а оној кој не обожава алкохол е предмет на потсмев на цела кафана. Случај кој вреди да го напоменеме, а е неизоставен дел од пеколниот кафански живот е Зигмунд Фројд, кој одбивал да пие алкохол. Веќе одамна низ кафаната кружат гласини дека како дете Зигмунд го испијаниле неговата мајка и сестра и сексуално го злоставувале. Од тој момент, па наваму Фројд не се напил ни капка алкохол. Информацијата ја дознав од прва рака од шанкерот во кафаната господинот Карл Јунг.
               Во рајот сите се облечени во дреч бои и секој гостин поседува куче златен ретривер, кое во земскиот живот е симбол за среќен живот, или пак во одредени случаи маска за среќен живот, но во повеќето е второто. Кафето во рајот се увезува од Индонезија и носи име Лувак кафе. Ова е најскапото кафе во земскиот живот и интересно е да се спомне начинот на производство на истото. Овој тип на кафе се произведува на тој начин што зрната кафе најпрво ги конзумираат одредени животинки на земјата, оттаму тие одат во дигестивниот систем на животното, па одреденото животинче ги сере зрната кафе, потоа истите тие зрна ги селектираат мали деца од Индонезија, кои со самиот чин си обезбедуваат место во рајот, потоа тие зрна се пакуваат во фенси кутии, па се увезуваат во рајот, каде што не се плаќаат царини за нив, бидејќи рајот има склучено договор со Светската Трговска Организација за отстранување на царинските бариери. Оттука следно нешто е дека тие зрна кафе се мелат во скапи кафе машини и таму ликови слични на Мајка Тереза ги конзумираат со сласт. Секако ретко кој го знае овој податок, па сите се воодушевени од кафето. За разлика од тоа, во пеколот се служи исклучиво кафе Франк, но и онака ретко се порачува, а ако некој го порача секако тоа е Балзак кој не може да напише ни една реченица и му се врзува јазикот ако не испие барем 8 кафиња. И името на кафето вели дека му се свиѓа, бидејќи го потсеќа на неговата земска држава. Не знам од кои причини, но повеќето од луѓето кои се во рајот се вегетаријанци, вегани и слично, а има и луѓе кои тврдат дека не јадат ништо што прави сенка. Па и да дојде човек кој обожава да јаде месо за неколку дена овие истите ќе го предомислат и првата недела ќе јаде само риба и пилешко, втората само риба, третата недела нема да јаде ниту риба и следно нешто што ќе се случи е дека тој јаде вегетаријанско суши, сарма со ориз, супа од зеленчук, соја во соја сос со соја мајонез, тофу сирење со соја сос, ориз со печурки и грашок во соја сос, бурито со грав, компири, тофу и соја сос, пудинг од соја со соја сос, маринирано тофу во соја, потпечен зеленчук во фурна и сето тоа во маица со боите на виножитото. Шеф на кујна е познатиот математичар, гркот Питагора, за кој како што знаете и самиот бил вегетаријанец, но не во исто време геј, бидејќи не можел да постигне двете работи да ги прави одеднаш. Се до 1800 година вегетаријанците се нарекувале питагорејци, а Питагора кога дознал дека веќе не се викаат питагорејци, туку вегетаријанци, побеснел и ја избричил целата глава заедно со веѓите и трепките. Многумина од неговите следбеници го направиле тоа чисто заради тренд, бидејќи мислеле штом Питагора го направил тоа, мора да е премногу кул за да не биде направено. И оттогаш па наваму низ рајот речиси и да нема човек со коса, веѓи и трепки. Друг тренд, покрај сиот овој хаос што го предизвикал Питагора е наезда на поп-психолошки книги и мотивациски книги од типот: „Моќта на потсвеста“, „Калуѓерот што го продаде своето ферари“ и други, а автори кои се чест предмет на дебата се: Џозеф Марфи, Робин Шарма, Ог Мандино, Роберт Киосаки, Том Хопкинс (нема везе со Ентони Хопкинс), Дејвид Бах (нема везе со Јохан Себастијан Бах) и многу други кои би изгледале интересно без коса, веѓи и трепки. Луѓето во овој локал речиси и да немаат појма кои се Хемингвеј и Едгар Алан По, па така на интервју за локалната телевизија еден од испитаниците сметал дека Хемингвеј е име на автопат во околината на Франкфурт, а за Едгар Алан По, друг испитаник одговорил дека е вегетаријански сос кој најдобро иде ако го конзумираш паралелно со папаја, односно ако мацкаш со парченца папаја во истиот. Во однос на музичкиот репертоар од 16 септември 1977 секој ден, освен во среда е Марија Калас, која е одличен сопран и ги остава без зборови речиси сите вљубеници во оваа музика. Во среда пак, има ревија на бендови кои не можев да ги запомнам, но знам дека со нивната музика значително влијаеле врз светскиот мир и ширеле либерални идеи насекаде во светот. Луѓето таму не танцуваат често, освен поединци кои нема да ги именуваме, ама и тие танцуваат само ако некој им нареди да го прават тоа.
              Информација која ја добивам во моментов е дека Доналд Трамп решил на своите потомци да не им остави ни мал дел од своето богатство и одлучил кога ќе почине сите негови пари да завршат во УНИЦЕФ. Со ваквиот потег неговата резервација во пеколот автоматски престанала да важи, но човекот не мора да се загрижува, бидејќи во рајот има доволно место, а и онака неговиот влез во пеколот е чист непотизам.
Се гледаме во пеколот!


Горан Блажески Лама