2.12.10

Момчето и неговиот фотоапарат



Пролет, 1998.

Ете си мали, копиљ на само 8 години со тексас јакна, пантолони од чоја и потечени крајници.Те однеле на планина како и секоја недела на чист воздух за да ти фати боја твоето постојано бледо лице.Не си јадел ништо цел ден, имаш блага вртоглавица и ти се повраќа, а ти упорно се обидуваш да ја наместиш фацата во некаква кисела насмевка за да не оди јабана позата на штотуку купениот филм, за стариот Зенит.Татко ти, мртов сериозен со забрадено лице и рејбанки со теракотно стакло ти дава инструкции што да правиш.Де си 2 чекори поназад од него, де 3 понапред, оти стариот Зенит има мака со фокусот.И стариот твој има мака со неговиот фокус, вчера му го зголемија диоптерот за 0.5.
Мајка ти како и секогаш, нејќи да учествува во уште едно од “ремек” – делата на стариот твој и затоа си седи на клупата под свежо расцветаната круша, го пие своето утринско кафе и ја пуши својата прва цигара за тој ден, наизменично уживајќи во свежиот планински воздух облагороден со опојниот мирис на моликовата шума во близина.Одвреме навреме гледа во згрченото лице на својот сопруг кој го бара идеалниот агол и експозиција за да те овековечи тебе, копиљ со глупа насмевка и уши кои чиниш зафаќаат најголем дел од кадарот.
-Ајде бе, шо се местиш толку многу, небаре си Тоде сликаро!-вели мајка ти со шеговита нота во гласот и си ја крие насмевката шмркнувајќи од врелото кафе.Патем малце и се истура од кафето на скутот и таа потскокнува од клупата.
-Така ти е кога ногу збораш Мирјано!-вели стариот и гледаш брчките на лицето од грч му се оформиле во блага насмевка.
-Ај коа веќе стана, ој до Југото и доjси’ми ги наочарите за пулење оти со овие нишо не’прам-заповеднички вели стариот твој.
Мајкати замина, а стариот се наврати на борбата со објективот.Го врти пополека, чиниш како по слух да го врти, небаре сеф да отвора, како да ја бара комбинацијата за совршената фотографија.Едно време,неговиот показалец го “репетира рускио” a потоа комотно се префрлува шутерот.”Убајот тој на тато и мама” знајш дека после ова следи краткото “клик” и после тоа ти ќе бидиш слободен и комотно можиш да ги истуриш цревата во најблиската грмушка.Тоа ти дава кураж, вештачки ги шириш усните агли до млечните петки и се напнуваш да го слушниш кликот шо ќе ја заврши твојата позерска голгота на јакото сонце.
-Кире, кај ги имаш остаено наочарите се отепав од барање немом да ги најдам-вели мајка ти пригушено, некаде од другата страна на патот седната на возачкото седиште на Југото.
-Провери на “назад”, да не сум заџиткал таму-вели стариот со повишен баритон да го слушни мајка ти, не помрднувајќи се од скаменетата папарацо-положба.Тоа значи дека и ти нема кај да мрдаш мали.Седи сеа, кулираj за секунда се ќе биди готово.
-Не бе, не се “назад” – следи репликата на мајкати изговорена со половина уста.
-Вака ќе прајме бе држава?-разочарано вели стариот со неговиот омилен коментар, неговиот вербален рефлекс кога работите не одат како што сака тој.Трнува накај тебе, ти го подава Зенитот(потежок отколку што изгледа е нели?) и со рандом пцовки се упатува кон аутото да си ги најди цвикерите, да се врати назад и на тебе да го артикулира својот креативен нагон попрецизно и подобро.То е, голем инаетчија е, чим нешто намислил мора да го направи по секоја цена.Ваљда и ти ќе бидиш еден ден.

Ете си пак мали.Овојпат си сам на ливадата, ја држиш омилената играчка на татко ти цврсто за да не ти испадне од твоите несмасни раце.Пред една недела ти се испушти стаклената чаша од раце кај тетка ти и доби салам прекор.Знаеш дека тоа не е ништо во споредба ако нешто му се случи на “рускио”.Ама сепак љубопитноста е поголема од стравот и полека ја впиваш формата, го допираш материјалот кој на некои места е груб на некои места фин,на некои места црн, на некои огледално светол.Неколкуте копчиња ти се гледаат како стотици и се прашуваш што прават тие, но не се осмелуваш да ги допреш.Неговиот објектив најмногу ти го привлекува вниманието со сите бои на виножитото кои поради твојата вртоглавица се прелеваат магично на утринското сонце засилувајќи ја подеднакво твојата фасцинација и твојата мачнина.Погледнуваш низ малото стакленце, ги вртиш овкирите на објективот и се обидуваш да го имитираш.стариот твој.Си играш фотограф.Си играш дека ги фотографираш дрвјата, објаците, тревките и се што ти привлекува внимание.Застануваш да го фотографираш коњот кој штотуку пристигна на ливадата.Патем идат твоите и во моментот кога мајка ти застанува пред коњот ти ненамерно го притискаш шутерот и го слушаш познатото “клик”.
-Сликаше бе нешто?-прекорно праша татко ти
-“Не бе не….си играв малце”- велиш и се онесвестуваш, слушајќи го крикот на мајка ти како да доаѓа од другата страна на планината.

Албумот кој беше исполнет со фотографии од таа година, покрај многуте портрети на слабо болезливо дете, имаше една на која беа забраден маж со наочари со дебела рамка кои изгледаја смешно на неговото лице и жена над чија глава имаше уши од коњ.

No comments:

Post a Comment