4.3.11
Ten years gone after
... И сега? Што сега?
Зошто никој не ми кажа за ова? Зошто заборавија? Зарем ме заборавија? Како можеа да ми го направат ова? Како смееа?
Не, а-а! Олку прашалници едно дете не смее да си ги постави. Чекај, имам нешто во џебот. Леле бе, се разлеал целиот мед во малото пакување што сакав да го зачувам за дома. Види, види ... ц ц ц. Мисла ме удира. Дали се пере ова?
Чиниш, детството ми лета додека наоѓам решенија за кои не ми е работа. Зошто јас да се мислам дали нешто се пере или не? А во меѓувреме, огледалото чека да му обратам внимание. И ништо. Јас го гледам него, тоа ме гледа мене. Молк.
Секој трча лево десно, сите се спремаат за вечер. А јас што? да си нацртам мустаќи? Еве ... и на што личам. Не, ц! Бриши! Ќе одам вака, каков што сум. Знам дека само јас ќе бидам единствениот „обичен“. Само мене никој не ми кажа. А баш сакав да се направам „важен“ оваа вечер. Денови претходно не ми успеаваше. Секое сабајле сум на нозе. Секое сабајле сме на нозе. Тренерот Диме е многу строг човек. искрено, мене ми е страв од него. Неговиот глас и поглед може да ме натераат да трчам до „Стив“ и назад. Иако јас сум мал и кревок. Ама страв ми е. на сите им е. А еден ден, ни кажа дека може да играме фудбал, на едно место од каде што се гледаат „очите“ таму долу. А јас кутриот ... овојпат, не си кажав на самиот себе си. Не носев патики за да играм фудбал. „Штета“ велат моите влечки. Штета велам и јас.
А сигурно нема да ме направи важен ниту гребаницата која ќе ја добијам на моето десно колено подоцна во оваа ноќ кога како улав ќе трчам низ хотелските ходници, бркајќи едно скопско врсниче. А што ли ќе ми биде намерата? Да го удрам? Не знам.
А огледалово уште ме гледа и слуша. Сега не ми требаш огледалиште. Кај беше пред некој ден кога кршев шишиња стаклени од прозор? А? Зашто не ми кажа да престанам. Знаеш, Никола, кој подоцна ќе биде голем панкер, ќе ме каже на учителката. Ту бед што Светлана не ценеше кодоши. Али сега знам од каде извираат македонските панкери. Ех, огледало едно, и ти ме поткажа денес. Дека не сум маскиран. Дека медот ми се растече. Дека не играв фудбал. Дека ми е грозно тука. Сега се сетив дека лошо ми беше. Не го знам телефонскиот број од хотелов. „Моите“ не би се снашле да ме побараат на рецепција, да ме чујат. Слушни, слушни ...
Подобро да одам, нели? Да, ќе одам! Ех, само да ми кажеше некој ...
...
Еј, еј, шо се замисли море?
Имаме коњак за пиење, кај замина со умо?
(Јас се чешам на челото додека барам соодветен одговор)
Тука сум Диме, тука сум ... тури една чашка. Туку, шо ќе те прашував ... секоја година има деца од трето оделение овде што доаѓаат ова време?
- Да да, секоја година идат. Од различни места. Денес ќе има маскембал за дечињава. Ние ќе си седиме тука, ќе ги вардиме. Вчера фудбал играа ... шо ти пишува на маицата ... KISS?
Што се тие бе пријателе?
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment