- Тешки времиња надвиснале над нас пријателе.Оние што гледаат се сметаат за најголеми слепци, а слепите во својот Мрак не гледајќи лево и десно, одат право и стигнуваат пред нас, над нас – рече Десоецот со голем презир во гласот. Ги имаш очите на татко ти ама видот ти е од мајка ти.Уште еден “слепец” кои ги талка битолските улици – Десоецот почна да смее гласно, но смеата набргу премина во гласно кашлање.Туберколозата се навлекла во неговите гради после студената зима.
- Блескотот на грошевите ги заслепува очите, виното го заслепува умот, но на душата само Бог лично му ја зема виделината, ја помрачува.Мојата душа е чиста, затоа ти оставив милостина, не барам никакво гатање, посебно за нешто што веќе го знам.Пријатно – рече Исак и го премина сокакот на чија страна се наоѓаше неговата куќа.
Душата на Исак не беше истата пред да замини за Париз.Тогаш беше млад, крвта му вриеше за нови слики, звуци и мириси.Во Париз сите негови апетити беа задоволени, па дури проширени...се чувствуваше како слободен човек далеку од болеста на Болниот на Босфорот, на ситните трговци и ситните души.Петте години философија на Сорбона, боемската револуција во париските кабариња исполнета со алкохол, музика и жени, барутот и крвта од задушената Комуна го променија целосно.Се врати како граѓанин на Светот желен да промени нешто во негов романтичарски манир.Ја најде и Битола променета, небаре преку ноќ таа се преместила да биди кварт на некој град северно од Дунав.Започнуваше да процветува благодарение на европските ветрови, бурките и носиите стануваа градски фустани, се отвори бордел во близина на Саатот, пукнатините на калдрмата на Дембел-чаршија - битолскиот Монмартр беа полни со црвено вино.Се шепотеше за доктор Рафаел познат како војводата Скендерберг и собиранките во неговата куќа со луѓето на Шестарот и Ѓонијата, за младиот турски кадет Ататурк и неколкумина од неговите соученици кои не беа согласни со ситуацијата на царството.Конзулите непрекинато испраќаа пошта до нивните матични држави.Револуцијата беше во воздухот, потребна беше само иницијативата сите состојки да оформат хармонија во една кохерантна струја за ново утро.
Исак Хаим синот на познатиот битолски бозаџија Самуел Хаим чувстуваше припадност и одговорност.
Продолжува...
No comments:
Post a Comment