4.9.11

Севда за еден асфалт.



Борис комшијата е човек кој има 93 години и е сопственик на маалска продавница во која единствено можи да се најдат основните намирници како леб, млеко, масло, шеќер и сол. Стара продавничка по примерот на првите бакали меѓу двете светски војни.Иако астматичар, дедо Борис тегни “Филтер Ориентал” наведнат на клупата пред бакалот од сабајле до вечер. Голем мерак има за муабет со локалните минувачи. Тешко сврзува реченица ама уште го држи умот.Ништо не му фали или барем дава таков впечаток. Жена му е одамна почината, ќерка му е поранешен наркоман со вонбрачно дете, бизнисот е за никаде, живее во трошна куќа ама покрај сето тоа мува не го лази. Единствено што жали е дека кога ќе умре - ќе умре на земја.На земја бил роден на село и на земја ќе умре во градот. Улицата од 50 метри на која живее иако во самиот центар не е асфалтирана. Затоа Борис цел живот шета од врата на врата со папка полна со петиции, молби до општината, државата па дури и пишал жалба која ја пратил лично на Тито! Дедо Борис е опседнат со асфалт.

Во далечната 45’ кога со неговите партизани другари тргнале да го ослободуваат Трст минале низ Љубљана каде прв пат стапнал на асфалт.Бил воодушевен на мазната, рамна подлога. Додека за некои луѓе цивилизираните придобивки кои прват ги почуствувале во социјализмот биле безплатното школување и здравство, задругите, првите театри и кина, за Борис било тоа што можел да носи поудобни обувки наместо грубите цокули наменети за газење во кал и други непријатни терени на село. После војната ги продал нивите и стадото овци на село, го купил скромното куќаре заедно со бакалот во градот од еден Евреин, а од кај Митко чевларот купил едно рало “џентлменски” чевли за да ги шета по асфалтираните улици.

Ама ете, пуста судбина на дедо Борис, 60 и кусур години после крајот на Војната неговата улица сеуште е земјанка.Од Општината се правдаат дека на улицата му фалеле уште 3 метра должина да се поврзе со еден од булеварите за да добие статус на отворена улица за да ја асфалтираат.Тие 3 метра се всушност ширината на тротоарот на главната улица.Другото чаре е станарите на околните згради да отстапат дел од нивниот паркинг со цел улицата да се поврзе со друга поглавна улица.Никој не сака да му излезе во пресрет, но дедо Борис е упорен. На сите минувачи покрај неговиот бакал им ја раскажува маката, макар тоа да биле истите луѓе кои не сакаат да му се потпишат на една од петициите.

“Ќе биде, ќе биде” – му велат и гледаат шо попрво да се откачат од досадните муабети на старецот.Не им е во интерес асфалтирана улица на соседите, кога можат своите предни дворчиња да ги прошируваат на недефинираната земјанка или скраја да е, да немаат каде да ги паркираат своите скапи автомобили. Борис не е изветреан како што изгледа, знае дека си поигруваат со него, но бидејќи нема попаметна работа за човек на негови години продолжува со неговата борба, потешка од онаа на Сремскиот фронт.

Вчера дедо Борис почина.Денес на пладне, сите соседи излегоа да се поздрават со него за последен пат.Во ковчегот лежеше облечен во свечен костум закитен со орденот за ослободувањето на Трст, ги носеше новите "џентлменски" чевли, а во левата рака држеше 2 кутии “Филтер Ориентал”.Да му се најдат за Другиот Свет. Додека поворката се движеше бавно по нерамната неасфалтирана улица накај градските гробишта силен ветар крена огромен облак од прашина.На лицата на присутните потекоа солзи.


(Посветено на дедо Борис 1918 - 2011)

No comments:

Post a Comment