29.12.11

Dreams of 2011 (Или не..)

Растргнат меѓу тебе и удолницата,
веќе незнам ни самиот на која страна да тргнам.
Деновите минуваа како тивка река
ги обележуваа телата на мачениците,
свеќите гореа над сивото небо, на лицата пламен исполнет со тага.
Годината веќе исчезна, ја немаше околу нас, ја немаше покрај бреговите, полињата, улиците, баровите, зградите... Замрзната некаде талка далеку од нас, нејзиниот мирис веќе никогаш нема да се врати во нашите тела.
Копнеам да се пронајдам самиот себе си во толпа робови кои макотрпно работат на плодните полиња.
Чувствувам дека годините прерано си го направија своето, тука загубен како водопад ја шарам горчливата земја, земјата на нашите претци.
Слушам пискотници, тажни крици на гаврани кои кружат на небото, сонувам среќна иднина во моето тело, прочистено од илјадници демони, прегазено на сред улица како празно стаклено шише.
Клучевите на иднината лебдат некаде околу мене, доволно сум слеп за да не ги пронајдам,
бескрајна препрека на мојот пат, смрт за нив, смрт за сите нив.
Го губам разумот кога сум со тебе, подоцна се обидувам да ги допрам ѕвездите, да им побарам прошка, за сите гревови кои ти ги сторив, во потсвеста чувствувам дека некој сончев ден ке бидам камен во твоето срце, во твоите раце и нозе, во белиот ходник на синиот стол со венец на главата знам дека ке ме покориш, го губам разумот и кога трчам накај твојот град, го губам разумот на крајот од ноќта, патувам во некоја древна приказна, каде кралевите паѓаат од тронот, некоја тажна приказна во која ни самиот незнам каде е почетокот, каде е крајот.
Танцувам во дворецот, наоколу снегот ме заробува во круг, ние умираме, и повторно се раѓаме, пловиме по патеката, живееме во куќата на претците, тажното патешествие наскоро се претвара во убавина и кошмар, прегрнати заедно ги гледаме црните птици како танцуваат во ноќта.
Месечината ни праќа магична насмевка, во светлината мојата заблуда исчезнува, иста приказна, ист град.

No comments:

Post a Comment